Заев го препозна Игор Југ како едно од лицата кои носеле оружје на 27 април
Премиерот Зоран Заев на денешното сведочење во Кривичниот суд за настаните од 27 април минатата година во Собранието, одговарајќи на прашање на судијката Добрила Кацарска, истакна оти со сигурност може да потврди дека едно лице меѓу обвинетите во судницата, е меѓу оние за кои тврди дека носеле оружје тој четврток.
„Можам со сигурност да кажам за едно лице, тоа е Игор Југ“, нагласи премиерот.
Одговарајќи на прашање на Кацарска, тој истакна оти на главниот влез постојат заштитни шипки од внатрешната страна за кои, како што рече, не може со сигурност да каже од каков материјал се, но според него, не постои човечка сила која може да ги отвори тие врати.
Истакна дека според него ставањето на раката на место каде стои оружје, за него е посегнување по оружјето, до самиот крај на ситуацијата, ако се укаже прилика за тоа.
„Немаше директен вперен пиштол кон мене, но имаше лице кое се движи лево десно со раката на место на кое носеше оружје, и тоа за мене е посегнување по оружје“, одговори Заев на вкрстеното испрашување од одбраната.
Заев нагласи дека тој видел лица кои со поглед барале чиста мета, но веројатно немале храброст да го сторат тоа што планирале да го сторат.
Претходно во текот на вкрстеното испрашување на одбраната, обвинетиот Игор Југ, го праша премиерот да му одговори како тој може да процени дека немал храброст да направи нешто што претходно Заев рече дека планирал да направи.
Премиерот не се согласи дека во текот на целата таа ситуација некој лесно би дошол до некое лице на кое што би сакал да му го одземе животот со огнено оружје, затоа што „тој што сака да одземе живот со огнено оружје, нема да се експонира толку“.
Игор Југ му се обрати на премиерот и го замоли да му дозволи дека тој има храброст да стори нешто што претходно намислил да го стори доколку тоа го сака, на што реагираше судијката Кацарска, нагласувајќи оти во тој исказ има прикриена закана.