Бушати: Албанците во Македонија да го поддржат Преспанскиот договор
Договорот меѓу Македонија и Грција има исклучително значење за демократската стабилност во регионот и за нашата заедничка евроатлантска перспектива, изјави денеска шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати на прес-конференцијата со неговиот македонски колега Никола Димитров. Бушати апелираше граѓаните на Македонија, особено на Албанците, да дадат поддршка на „историскиот Преспански договор.“
„Сите се согласуваме дека Албанците кои живеат во Македонија ќе бидат огромни поддржувачи на процесите кои течат и уште еднаш сакам да апелирам да излезат масовно да учествуаат во изградбата на иднината и на подобар живот тука. Во оваа насока ќе продолжиме блиско да соработуваме со цел да создадеме што подобра и поинклузивна средина, рече Бушати.
За македонското малцинство во Албанија, Бушати рече дека се направени чекори напред со новиот Закон за малцинствата, наведувајќи дека македонското малцинство е признаено како едно од малцинствата што составуваат поширок мозаик на малцинства во Албанија.
Димитров посочи дека Македонија и Албанија сакаат заедничка европска иднина, и оти за Тирана е значајно Македонија да тргне напред во евроинтегративните процеси.