Амбасада на САД: Не бевме консултирани за законите за формирање војска на Косово
![Амбасада на САД: Не бевме консултирани за законите за формирање војска на Косово](https://gdb.rferl.org/C5D10925-6C94-4CFB-887D-0A0AD49E613E_w800_h450.jpg)
Амбасадата на Соединетите Држави во Приштина соопшти дека не била консултирана од косовската Влада во врска со одлуката за усвојување пакет закони за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
„Соединетите Американски Држави секогаш го поддржувале сувереното право на Косово да има војска и соработуваа тесно со Косово за остварување на таа цел. Ние не бевме консултирани за времето кога е донесена одлуката и треба да ги анализираме нацрт-законите за да ги разбереме нивните цели и нивниот ефект“, се вели во соопштението на амбасадата на САД во Приштина.
Од таму велат дека во минатите недели биле посветени на градењето внатрешен консензус меѓу косовските политички субјекти за дијалогот со Србија.
Владата на Рамуш Харадинај денеска, без присуство на министрите од Српската листа, го усвои Нацрт-законот за трансформација на ФСК во Војска на Косово. Во таа функција, на предлог на министерот за ФСК Рустем Бериша, беа усвоени и измените на три закони, со кои на таа формација се даваат нови надлежности, а министерството на ФСК прераснува во министерство за одбрана на Косово. Од Српската листа, партијата која ги претеставува Србите во косовското Собрание и партиципира во Владата на Харадинај, соопштија дека се против трансформацијата на ФСК во војска.