Данкан: се надевам дека младите ќе покажат интерес за референдумот
Тука сме во момент што е многу значаен за земјата и можам да кажам дека договорот што го потпишаа премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев е извонреден чекор за иднината на Македонија, порача британскиот министер за Европа и Америка Сер Алан Данкан. Тој истакна оти се надева дека луѓето ќе учествуваат на референдумот на крајот на месецов.
„Сметам дека тоа ќе биде значаен чекор напред за Македонија и верувам дека сите, а особено младите луѓе ќе покажат интерес за одлуката. Ова е одлука за вас и јас како министер на друга држава не можам да ви кажам што треба да правите, но можам да ве замолам да учествувате на реферндумот“, рече Данкан по потпишувањето на меморадум за изработка на енергетска стратегија на земјава за наредните 30 години со вицепремерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Данкан денеска во Владата се сретна и со премиерот Зоран Заев. Заев изразил уверување дека мнозинството граѓани ќе излезат и гласаат за евроатлантската иднина на земјата. На состанокот се разговарало и за други актуелни политички и безбедносни прашања на домашен и регионален план.