Сенатот во САД го продолжи рокот за сведочење против Кавано
Претседателот на Комитетот за правосудство во Сенатот на САД го продолжи крајниот рок за сведочење на жената која го обвинува за сексуален напад кандидатот за судија на Врховниот суд, Брет Кавано. Кавано е номиниран за судија од страна на претседателот Доналд Трамп.
Претседателот на Комитетот, сенаторот Чак Грасли, соопшти дека и дал повеќе време на Кристин Бласеј Форд да одлучи дали ќе сведочи пред пратениците за нејзините обвиненија против номинираниот Брет Кавано.
Обвиненијата на професорката Бласеј Форд го одложија процесот за потврдување на Кавано за судија во Врховниот суд.
Трамп се сомнева во кредибилитетот на обвиненијата на жената против Кавано. И Кавано ги негираше обвинувањата.
Адвокатот на Кристин Бласеј Форд, изјави дека таа добивала смртни закани и дека морала да го пресели своето семејство за да бидат безбедни.