Рекорден број набљудувачи ќе го следат референдумот
Рекорден број домашни и странски набљудувачи ќе бидат на избирачките да го следат изјаснувањето на граѓаните на референдумот на 30 септември.Според официјалните податоци од ДИК, акредитирани се 11.907 домашни набљудувачи, а бројот на странските набљудувачи е 493. Меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи, а покрај домашни референдумот ќе го следат и 83 странски новинари од 32 медиуми.
Најмногу набљудувачи акредитирало Здружението за граѓански политики и иницијативи 5.574, потоа Сојузот на Здруженија на граѓани Македонска платформа против сиромаштија 3.736, НОВ МОСТ 1.882, Цивил – Центарот за слобода 307, Здружението Ленка 129, Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција Мак Сонце 119 набљудувачи, Здружението Национален ромски центар 46, Европско движење за град Скопје 44, Здружението Инклузива 40 и Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид - 30 набљудувачи. Референдумот во недела ќе го набљудуваат 197 монитори на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, а тие акредитирале и 129 преведувачи.
Меѓународната невладина организација Светски македонски конгрес акредитирала 167 набљудувачи, Амбасадата на САД 35 набљудувачи и 47 преведувачи, Комитетот за отворена демократија тројца набљудувачи, Амбасадата на Албанија шест, исто толку набљудувачи акредитирале амбасадите на Франција и на Унгарија, како и седум преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа осум и еден преведувач, амбасадите на Косово и на Турција по четворица набљудувачи, Амбасадата на Велика Британија и Северна Ирска девет, Делегацијата на Европска Унија 20, Републичката изборна комисија на Србија двајца, Холандската амбасада тројца набљудувачи, Амбасадата на Чешка двајца, Амбасадата на Шведска петмина набљудувачи, Канадската амбасада еден, Амбасадата на Германија двајца набљудувачи, како и ДИК на Турција, Амбасадата на Украина еден набљудувач и Меѓународното здружение на човекови права во Македонија четворица набљудувачи.