НБРМ: раст од 0,9 отсто на банкарскиот систем во првиот квартал
![НБРМ: раст од 0,9 отсто на банкарскиот систем во првиот квартал](https://gdb.rferl.org/00E7B5A6-E064-41AC-B969-1208EA3AB0E3_w800_h450.jpg)
Во првиот квартал од годинава дојде до значително подобрување на показателите преку кои се следи банкарскиот систем, меѓу другото и како резултат на стабилизацијата на очекувањата во домашното опкружување, констатира Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната 15-та седница на која беше разгледан Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во првиот квартал од 2018 година.
„Во првиот квартал, кој вообичаено има помала сезонска динамика, вкупната актива на банкарскиот систем забележа раст од 3.982 милиони денари или 0,9 отсто. Овој раст се должеше на поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата, во споредба со корпоративното кредитирање коешто се намали што освен на сезонските фактори се должеше и на еднократната наплата на побарувања“, велат од НБРМ.
Во април и мај 2018 година, додаваат, стапката на раст на корпоративните кредити повторно беше позитивна. На годишна основа, заклучно со првиот квартал, останува констатацијата дека растот на кредитите кон домаќинствата е многу посолиден од тој кон корпоративниот сектор, односно 9,8 отсто и 2,6 отсто соодветно, вредности што го следат трендот од претходните години, потенцираат од НБРМ.