Одложено рочиштето за смртта на малата Тамара
![Одложено рочиштето за смртта на малата Тамара](https://gdb.rferl.org/FD8EEA87-863A-4976-877B-F72ECCF61A49_cx0_cy14_cw0_w800_h450.jpg)
На барање на одбраната за 29 октомври е одложено судењето за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, во случајот во кој обвинети се 12 лица за несовесно работење во службата. Судијата Марин Станевски денеска го одложи судењето поради непреведени докази на Обвинителството и наложи истите да бидат комплетирани за следното судење кога треба да почне главната расправа.
Досега судењето беше одложувано три пати поради отсуство на дел од обвинетите. За случајот обвинети се членовите на Првостепената и Второстепената комисија кои го донеле, односно го потврдиле, негативното решение за лекување на Димовска во странство, како и двајцата тогашни директори на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ.
Тамара Димовска почина во 2015 година чекајќи операција на рбетот во странство. Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија.