Повторно отворање граничен премин меѓу Сирија и Јордан
Завршија подготовките за повторно отворање на виталниот граничен премин меѓу Сирија и Јордан, со што се создадени услови преминот да биде отворен наредниот месец, објави денеска Сириската државна новинска агенција. Претходно, сириското Министерство за транспорт соопшти дека движењето на стоки и луѓе преку сириско-јорданската граница започна. Сепак, медиуми блиски до јорданската армија објавија дека подготовките за отворање на преминот сè уште не се завршени. Отворањето бара инфраструктура, логистика и технички стандарди кои треба да бидат исполнети, велат јорданските власти.
Отворањето на граничниот премин ќе ѝ донесе олеснување на владата на Башар ал-Асад, зашто така ќе се отвори порта за извоз на сириски производи во другите арапски земји. Бунтовниците ја презедоа контролата врз областа во 2015 година, но владините сили ја вратија контролата врз важната трговска рута во јули годинава.