Косовските бизнисмени бараат реципроцитет кон Македонија поради повторната забрана на увоз на риба
Стопанската комора на Косово денеска изрази длабока загриженост поради наводната повторна забрана на извозот на икра и риба за порибување од Косово во Северна Македонија и побара од косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља итно да го реши проблемот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Комората тврди дека, иако одлуката на македонските власти од 1 јуни, годинава, за увоз на риби за порибување беше укината минатиот месец, таа деновиве повторно почнала да се применува.
Затоа, тие бараат од министерот Шаља да преземе итни мерки на реципроцитет до постигнувањето конечно решение за ова прашање.
По претходната забрана за увоз од Косово на икра и риба за порибување од страна на македонските власти, косовското Министерство за трговија и индустрија во август наложи забрана на увоз на мед и компири од Македонија. На почетокот на септември, откако косовската страна ги исполни предвидените услови за извоз на икра и риба за порибување, двете земји постигнаа договор и забраните беа укинати.