Ердоган: Ја подржуваме евроатланската насока на регионот
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Белград изјави дека Турција и натаму ќе биде фактор на стабилност на Балканот и оти се обидува да им помогне на земјите од регионот да ги остават зад себе проблемите.
„Ние ја поддржуваме евроатлантската насока на регионот“, рече Ердоган, кој денеска пристигна во дводневна посета на Србија.
Ердоган најави дека за време на неговата посета ќе се отворат шест фабрики, за производство на автомобилски делови, гуми, и текстил.
Турскиот претседател се осврна и на борбата против организацијата ФЕТО, која турските власти ја обвинуваат дека стои зад обидот за пуч во 2016 година во Турција.
„Не можеме да ја заборавиме поддршката на Вучиќ. Благодарам од мојата земја и мојот народ“, рече Ердоган.
Српскиот претседател Александар Вучиќ му се заблагодари на Ердоган за пораката дека секое решение што го постигнале Албанците и Србите за косовското прашање ќе биде прифатливо за Турција.
На коментар на новинарите дека Турција ја призна независноста на Косово, Вучиќ рече дека Турција е водена од нејзините интереси.