Бојан Јовановски со брза помош од Обвинителството однесен во болница
По половина час откако беше донесен да даде исказ во Обвинителството, првоосомничениот Бојан Јовановски - Боки 13, беше повикана екипа на брза помош, по што Јовановски на насилки беше изнесен и итно, под полициска придружба, префрлен во болница.
Неговиот адвокат Сашо Дукоски потврди дека неговиот клиент е итно хоспотализиран. Тој рече дека Боки 13 во тоалетот во Обвинителството почнал да повраќа, му се слошило и се онесвестил.
„Непријатна сцена беше. Не случајно досега бил најмалку 20 пати во болница. Тој не даде исказ. Повраќаше во тоалетот и потоа колабираше. Многу лоша и грда сцена“, рече Дуковски пред Обвинителството.
Според Обвинителството, Бојан Јовановски, преку тргување со влијание издејствувал преку поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, ослободување од притвор на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“ и можност за спогодба.
Јанева е третоосомничена во предметот „Рекет” за злоупотреба на службена положба и овластувања. Јовановски, заедно со Зоран Милески – Кичеец, се осомничени за примање награда за противзаконито влијание, а Јовановски и за перење пари.
Рокот за поднесување обвинение по случајот истекува в четврток.