Техеран: Ирански танкер „нападнат“ во Црвеното Море
Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека ирански танкер со нафта е оштетен во „напад“ во Црвеното Море.
„Оние кои стојат зад нападот се одговорни за оваа опасна авантура, вклучително и предизвиканото опасно загадување на животната средина“, изјави денеска портпаролот на Министерството Абас Мусави.
Тој вели дека бродот бил два пати погоден во распон од половина час и оти во тек е истрага. Експлозијата, која допрва треба да биде независно потврдена, доаѓа во време на зголемени тензии во регионот. Иранската национална нафтена компанија претходно соопшти дека нафтениот танкер „Сабити“, за кој се вели дека носел еден милион барели нафта, бил погоден од два проектили од брегот на Саудиска Арабија.
„Сите членови на екипажот се безбедни, а бродот исто така е стабилен“, велат од компанијата, додавајќи дека бродот бил погоден од две одвоени оксплозии на околу 100 километри оддалеченост од саудискиот пристанишен град Једах.