Британскиот парламент го одби барањето на Џонсон за избори на 12 декември
Пратениците од Долниот дом на Британскиот парламент го одбија барањето на премиерот Борис Џонсон предвремените парламентарни избори да бидат распишани на 12 декември.
За распишување на изборите на 12 декември гласаа 299 пратеници, а против беа 70, но за усвојување на таквата одлука е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 434 од 650 пратеници.
Откако пратениците го одбија неговото барање, Џонсон рече дека до Парламентот ќе испрати краток предлог на Законот за избори на 12 декември.
За разлика од вечерашното гласање, за усвојување на тој закон ќе биде потребно просто, а не двотретинско мнозинство.
Опозициските партии вечерва рекоа дека сакаат избори, но не под услови на Џонсон.
Либералдемократите и Шкотската национална партија планираат да издејствуваат распишување на изборите за 6 декември, со користење на друга процедура.
Џонсон побара распишување предвремени избори за да ја реши кризата околу Брегзит, зашто се надева дека неговите Конзервативци ќе добијат мнозинство во Парламентот, што би го олеснило процесот на усвојување на Договорот за излез на Велика Британија од ЕУ.
Унијата денеска соопшти дека го прифатила барањето на Велика Британија и одобри тримесечно одлагање на Брегзит до 31 јануари 2020 година.