Фон Крамон: Тачи добро да размисли дали ќе ја распушти Владата
Известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, му порача на претседателот на Косово, Хашим Тачи, да размисли двапати дали е мудро да ја распушти актуелната влада.
„Во кризно време е потребна функционална влада. Не играјте си со Уставот додека народот умира. Тоа е мојот совет“, напиша Виола фон Крамон на својот профил на Твитер.
Таа ја поздрави одлуката на приштинската влада за укинување на таксите за производи од Србија и од Босна и Херцеговина. Официјален Белград изрази незадоволство од ваквата делумна одлука, зашто, како што информираат српските медиуми, Приштина високите царини ги заменила со реципрочни мерки.