Мобилен интернет за 30.000 семејства за онлајн настава, за матурата отворени сите опции
Над 18.000 картички за мобилен интернет ќе овозможат околу 30 илјади семејства да имаат пристап до интернет за децата од основните и средните училишта да можат да ја следат наставата он-лајн до крајот на школската година. Министерството за информатичко општество и администрација потпиша денеска договор со „Телеком“ за донација на овие картички, а дистрибуцијата ќе биде преку Минситерството за труд и социјална политика.
„Договорот со „Телеком“ се овозможува наставата во основните и средните училишта да е достапна за сите. Имајќи во предвид дека имаме деца кои не можат да ја следат од далечина, се наметна потребата да им помогнеме. „Телеком“ донира 18 илјади и 400 картички за достапност на интернет. Дистрибуцијата на картичките до социјално загрозените семејства ќе ја спроведува Министерството за труд и социјална политика. На овој начин обезбедуваме интернет за секое дете“, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Директорот на „Телеком“, Никола Љушев, изјави дека главната цел е да се обезбеди еднакви услови на сите деца кога во прашање е он-лајн наставата.
ВМРО-ДПМНЕ бара укинување на матурата за годинава
Адеми - Се контролира онлајн наставата
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми на прес-конференцијата рече дека со ова се решава прашањето за пристап до интернет на социјално загрозените семејства. Тој информираше и за можните опции за матурскиот испит за годинава.
„Ќе треба да се направат дополнителни анализи, се дискутира, сите опции се на маса, и опцијата за пролонгирање на државната матура, и опцијата за откажување, учениците навремено ќе бидат инфромирани“, рече Адеми и додаде дека во однос оценувањето се продолжува на ист начин како на редовни, а не вонредни околности.