Пендаровски и Столтенберг зборувале за справувањето со коронавирусот
Претседателот Стево Пендаровски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска телефонски разговарале за потребата од здружување на силите за успешно справување со корона-кризата која има не само здравствена, туку и социјална и економска димензија.
Од НАТО соопштија дека Столтенберг истакнал дека Алијансата е решена да продолжи да ја игра својата улога во борбата против пандемијата на Ковид -19.Тој потсетил дека министрите за одбрана ќе се состанат подоцна овој месец на вонредна сесија преку видео конференција за да разговараат за тоа како НАТО може да ја засили поддршката на цивилните напори во справувањето со последиците од пандемијата. Столтенберг истакнал дека додека сите сојузници се погодени од кризата, некои се во можност да ги распределат ресурсите со цел да им помогнат на другите кои имаат потреба, вклучително и на Северна Македонија.
Столтенберг: НАТО ги поддржува здравствените власти против корона кризата
На Македонија помош во опрема и даде Унгарија, Словенија, Холандија, САД даде пари за ублажување на ширењето на коронаовирусот, Норвешка донираше медицински материјали за Македонија.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека тој го информирал генералниот секретар Столтенберг за состојбата со спречување и справување со последиците од пандемијата на Ковид-19 во Северна Македонија и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции. Соговорниците разговарале за активностите кои НАТО ги презема со цел оваа здравствена криза да не премине во безбедносна, осврнувајќи се притоа на сè поприсутните дезинформации и начините за справување со истите.