ЗНМ: Новинарите да не се стигматизираат и да имаат безбедни услови за работа
Здружението на новинарите на Македонија денеска соопшти дека со загриженост ја примило информацијата дека уредникот на националната телевизија „Канал 5“, Гоце Михајловски, е позитивен на коронавирусот и му посакуваат брзо закрепнување.
„Поттикнати од некои неодговорни објави пред се на социјалните мрежи, ЗНМ апелира да не се стигматизираат новинарите и медиумските работници кое се заразени или за кои постои сомнеж дека се носители на коронавирусот. Потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство се казниви дела без разлика дали истите се присутни на традиционалните медиуми или пак на социјалните мрежи“, нагласува ЗНМ.
Новинарот Михајловски имал контакт со член од семејството позитивен на коронавирус
Од ЗНМ посочуваат дека голем дел од новинарите и медиумските работници, поради природата на нивната работа се повеќе изложени на контакти со луѓе а тоа ги прави и да бидат повеќе ранливи за зараза со коронавирусот.
Оттаму апелираат дека од апсолутна важност за нивната лична безбедност, безбедноста на лицата со кои се во контакт новинарите и медиумските работници да имаат обезбедено услови и средства за работа од страна на сопствениците и менаџерите на медиумите преку кои ќе се намали ризикот на зараза.