Истрага во Бугарија за лидер кој бараше мерките да не се почитуваат
Бугарското обвинителство отвори истрага за лидерот на националистичката партија Атака Волен Сидеров поради повиците со кои побара од луѓето да ги прекршат мерките за зачувување на јавното здравје кои се донесени за да се забави ширењето на коронаворусот.
Тој вчера, во телевизиско обраќање ги повика Бугарите да ги игнорираат мерките за физичка дистанца и да не носат маски за време на литургијата за Велигден. Во Бугарија вонредна состојба е прогласена од 13 март поради ширењето на коронавирусот од кој досега се заболени 685 луѓе, а 32 починаа. Носењето на маска на јавни места е задолжително, а иако црквите останаа отворени властите бараа од луѓето да останат дома.
Партијата Атака е дел од Обединетата патриотска алијанса, која пак е партнер во владата предводена од премиерот Бојко Борисов. Партијата на Сидеров е проруски ориентирана и е против ЕУ и НАТО.