Во Косово се бара истрага за донацијата на тестови за Ковид-19 од Србија
![Во Косово се бара истрага за донацијата на тестови за Ковид-19 од Србија](https://gdb.rferl.org/A5ED78E4-E618-4EAB-9E40-BCFCE82365C5_w800_h450.jpg)
Потпретседателот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово Насим Харадинај упати барање до Истражната комисија на Собранието на Косово итно да го испита приемот на илјада тестови за Ковид-19, како хуманитарна помош од страна на Србија.
Преку објава на својата страница на Фејсбук, Харадинај побара од Институтот за јавно здравство на Косово јавно да ја фрли и уништи српската донација и да ја прекине соработката со Владата на Косово, се додека таа не преземе мерки против тие кои ги примиле тестовите, бидејќи, според него, „се погазени сите норми и спроведливи закони во Косово“.
Тој вели дека со примот на донацијата се навредени сите семејства на загинатите, воените инвалиди, ветераните и семејствата на исчезнатите, а понижени се и активистите за независност, сите поранешни политички затвореници и сите масакрирани и тортурирани во Косово.
Србија му донира на Косово 1000 тестови за коронавирус
Министерството за здравство на Косово објави дека завчера примило донација од илјада тестови за откривање на новиот коронавирус, вредна 30 илјади евра, како дел од соработката меѓу државите од регионот во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Приемот на српската донацијата од страна на Владата на Курти предизвика бројни, главно негативни, реакции од опозициските политичари и јавни личности, кои бараат соработката со Србија да се услови со нејзино извинување за злосторствата врз цивилното население
во војната од 1999 година и со изведување пред правдата на одговорните за тие злосторства.