Авдулах Хоти нов кандидат за премиер на Косово
Демократскиот сојуз на Косово го поддржа партискиот потпретседател и поранешен вицепремиер Авдулах Хоти за кандидат за нов премиер на Косово, јави МИА од Приштина. Одлуката на Претседателството на ЛДК беше донесена на денешната седница, свикана од партискиот лидер Иса Мустафа, откако вчера претседателот на државата Хашим Тачи, по консултациите со парламентарните партии, објави дека ќе го додели мандатот за нов премиер на партијата или субјектот кој ќе го обезбеди потребното мнозинство во Собранието за формирање нова влада.
Во Косово и натаму несогласувања околу новата влада
Тачи вчера ја покрена иницијативата за формирање нова влада, откако пред еден месец Собранието му изгласа недоверба на кабинетот воден од лидерот на Движењето самоопределување, Албин Курти. Откако немаше договор за кандидат за премиер, Тачи им се обрати на другите парламентарни партии, а денеска и официјално побара од Мустафа, како лидер на партијата која на изборите беше второрангирана, да го предложи новиот мандатар.