Протести во Словенија поради аферата поврзана со Јанша
Стотици граѓани денеска протестираа во главниот град на Словенија против Владата на премиерот Јанез Јанша. Причина за протестот беше објавувањето на аферата со набавката на медицинска и заштитина опрема за потребите на словенечките лекари кои се борат со епидемијата на коронавирусот. Со транспаренти на кој пишуваше „Доста е од пропаганда на омразата” тие побараа оставка од Владата.
Граѓаните се обидоа да протестираат на главниот плоштад во градот но таму беа пречекани од полициски сили кои поставија и заштитни ленти со цел да се спречи собирањето на самиот плоштад.
Полицијата неколку пати со мегафони ги потсетуваше собраните луѓе дека мораат да бидат меѓусебно оддалечени два метри, што е обврска поради борбата со коронавирусот, јавува новинската агенција МИА.
Во петокот Националното биро за истраги на Словенија официјално отвори истрага по објавените снимени разговори и документи, со кои според дел од медиумите се фрла голем сомнеж за неправилности и при набавката за медицинска опрема за потребите на државата.