Филипче: Викендов предлагаме полицискиот час да почне во 19 часот
Владата денеска ќе го разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести за полицискиот час викедндов да почне од 19 часот до 5 часот наутро, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во однос на олабавувањето на мерките, кои би се применувале од понеделник останува, да се следи состојбата денес, да се утврди дали ќе има повеќе од 5 проценти заразени од вкупниот број тестирања, како што се случи во претходниот ден, или е тоа само варијација, додаде Филипче. Тој посочи дека во наредниве ден или два до Владата ќе достават предлог-мерки за олабавувањето на мерките од почетокот на следната седмица.
Филипче го осуди вчерашниот верски собир во Струга, за кој рече дека е чин на непочитување на здравствените работници и на сите други кои, како што рече, два и пол месеца пожртвувано работат да излеземе од кризата, како и на мнозинството граѓани кои се придржуваат до мерките.
„Мора да се санкционираат извршителите и постого да дејствуваат за да нема вакви случаи“, изјави Филипче.
Во однос на тоа што ИВЗ информирала дека на 12 мај се отвораат џамиите, Филипче нагласи дека е сè уште во сила забраната за групирање на повеќе од двајца и повторно побара од поглаварите на верските заедници да спречат собирања.
Во изминатото деноноќие потврдени се 14 нови случаи на КОВИД-19 и евидентиран е еден почина пациент од Тетово. Вкупниот број на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата сега е 1586, оздравени се 1099, починати се 90, а активни случаи има 397.