Пет години од настаните во кумановско Диво Насеље
Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, денеска се одржа панихида за осумтте загинати припадници на полицијата кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ што се случија на 9 и 10 мај во 2015-та година. Панихидата ја организираше група бранители од Куманово, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Премиерот Оливер Спасовски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека тоа беше „исклучително вознемирувачки и трагичен настан“, кој подоцна во судските архиви беше заведен како „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.
„Сигурен сум дека нарачателите имале подмолна намера, но присебноста на граѓаните не им дозволи да ја остварат“, напиша Спасовски.
И кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски сподели видео на социјалните мрежи од Диво Насеље, истакнувајќи дека градот ќе продолжи да се развива, но и дека заслужува одговор што вистински се случи на 9 и 10 мај 2015.
Во престрелките тогаш животот го загубија Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“, а 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.
Кумановци на 9-ти мај пред пет години ги разбудија звуци од оружје, надлетувања хеликоптери, дел од градот во близина на „Тоде Мендол“ или попознато како Диво Насеље беше затворен. Граѓаните и наредниот ден слушаа рафали, се гледаше црн чад.
Две години подоцна Кривичниот суд донесе пресуда за тероризам во Диво насеље. Во 2017 година судот досуди седум доживоти казни, 13 луѓе добија 40 години затвор, шест членови на групата по 20 години затвор, еден е осуден на 18 години, по двајца на 14 и на 13 години затвор, а поради немање докази четворица беа ослободени од обвиненијата. Лани Апелациониот суд ја потврди казната.