Пленковиќ обезбеди мнозинство за формирање влада
![Пленковиќ обезбеди мнозинство за формирање влада](https://gdb.rferl.org/3D319F0C-CE32-4120-9460-5DBB287714AD_w800_h450.jpg)
Премиерот на Хрватска и претседателот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Андреј Пленковиќ, ја доби поддршката од националните малцинства, од Хрватската народна странка (ХНС) и реформистите за формирање влада, потврди портпаролот на актуелната Влада, Марко Милиќ.
„Премиерот спроведе почетна рунда консултации со сите избрани претставници на националните малцинства, ХНС и реформистите. Тие даваат јасна поддршка на новото парламентарно мнозинство и владата на ХДЗ, предводена од Андреј Пленковиќ“, напиша Милиќ на Твитер.
Во новиот состав во хрватскиот Сабор кој има 151 места, според неофицијални резултати, избрани се 35 жени од различни политички партии, што е многу поголема бројка од претходно. На парламентарните избори во 2016 година беа избрани 19 пратенички, а до крајот на мандатот нивниот број се искачи на 29.
Избори во Хрватска- победа на ХДЗ, слаба излезност
Можно е и зголемување на бројот на жените и во десеттиот состав на Саборот, откако ќе се формира влада, а дел од пратениците ќе бидат именувани во извршната власт.