СДСМ: Разликата е најмалку 3 мандати, ДИК има сериозни грешки
![СДСМ: Разликата е најмалку 3 мандати, ДИК има сериозни грешки](https://gdb.rferl.org/CD290D48-7094-4FC2-A32F-F3156EE1555B_cx24_cy20_cw76_w800_h450.jpg)
Според податоците на изборниот компјутерски центар на СДСМ, разликата во корист на коалицијата „Можеме“ изнесува најмалку три мандати, а во податоците презентирани од ДИК забележани се сериозни недостатоци и грешки кои може да даваат неточна слика за конечниот резултат, соопшти денеска Социјалдемократскиот сојуз.
„Заедно со демократското граѓанско мнозинство, СДСМ го победи режимот на ВМРО-ДПМНЕ и го испрати во неповратно минато. Македонската иднина е во сигурни раце, а земјата и народот продолжуваат напред водени од одговорна и прогресивна власт“, стои во соопштението од СДСМ.
Симулацијата на ДИК, врз основа на првичните неофицијални резултати од изборите од обработени 3.421 од вкупно 3.480 избирачки места, покажува дека коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, во новиот собраниски состав ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРОДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, а Левица два и ДПА еден.
Сајтот на ДИК падна, изборните резултати преку гулаб
Кој победи, а кој загуби?
Од ДИК денеска соопштија дека се уште се врши прием на материјалите од општинските изборни комисии и рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16), како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.
Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија. Првичните резултати од гласањето ДИК ги објавува во рок од 12 часа, а конечните 24 часа по завршувањето на гласањето.
Страницата за изборни резултати синоќа околу 21 часот беше хакирана и се уште не работи.