Баздникин - Руската надворешна политика се стреми кон немешање во внатрешните односи на земјите
Лекциите од Првата светска војна нè потсетуваат на тоа колку разорни се последиците од поделби во алијанси и политики на конфронтација, рече денеска амбасадорот на Руската федерација во Македонија Сергеј Баздникин. Тој присуствуваше на комеморација на прилепските Германски гробишта по повод 1 август, денот на сеќавањето за загинатите руски војници од Првата светска војна.
Баздникин рече дека денешната руска надворешна политика има карактеристика на немешање во меѓусебните внатрешни работи на земјите.
„Во 1914 година, Русија вложуваше секој можен напор за да се избегне крвопролевањето во Европа, но беше принудена да одговори на предизвикот, штитејќи го братскиот словенски народ. Стремежот кон мир и конструктивна соработка меѓу државите врз основа на еднаквост и заемно почитување, немешање во меѓусебните внатрешни работи е карактерна особина и на денешната руска надворешна политика. Убеден сум дека ваквите настани, како што е овој денес, придонесуваат за проширување и зајакнување на билатералните меѓучовечки врски меѓу нашите држави“, рече рускиот амбасадор.
На македонско тло во текот на Првата светска војна загинале над 4.200 руски војници и офицери. Амбасадата се уште работи на идентификување на нивните гробови.