Мицкоски повика на нов протест в сабота „против насилството“
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска информираше дека партијатаво сабота ќе организира нов протест, овој пат, како што велат, против „неправди, реваншизам и политичко насилство“.
„Продолжува креирањето на лаги и конструкции од власта насочени кон мене и кон ВМРО-ДПМНЕ. Зошто? За да не се збори за крахот во државата. Ве повикувам, во сабота во 18.30 заедно да протестираме против неправди, реваншизам и политичко насилство! Се гледаме на улица“, објави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој на неговиот фејсбук профил, во повикот за протест, обвини дека, како што напишал, „мафијата секојдневно удира по темелите на државата“.
„Економијата во колапс, во aвгуст индустриското производство -10%, вработени во индустријата -5%, а според EuCham (Европската Стопанска комора), Македонија е помеѓу последните земји во Европа за водење бизнис во 2020 година, но и со највисок пад од 5 места споредено со 2019 година“, вели Мицкоски.
Автомобилски протест на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата
ВМРО-ДПМНЕ во последните 30-ина дена одржа неколку протестни маршеви низ Скопје, од кои два против поскапувањето на струјата и еден за Гоце делчев.