Царовска- има можност за санкции за оние кои не ја почитуваат одлуката за онлајн настава
Министерката за образование и наука Мила Царовска, во врска со најавите за бојкот на наставата рече дека во моментов нема целосен бојкот во ниту едно училиште, туку само одделни ученици ја бојкотираат наставата. Таа истакна дека сепак доколку се појават недостатоци во учењето, како Министерство, заедно со Бирото за развој на образованието, имаат обврска за надополнување на тоа учење. Во однос на најавата на директорот на едно средно училиште во Дебар дека ќе организира настава со физичко присуство, иако не доби одобрение за тоа и дали има начини за санкционирање за оние кои нема да ги почитуваат одлуките, Царовска вели дека можности за санкционирање согласно законот постојат.
„Секако можности за санкционирање постојат согласно законот. Одлуките на Владата се јасни и тие мора да се почитуваат затоа што се во интерес на јавното здравје на населението. Јас разговарав со градоначалникот, тоа е поедин став на директорот, градоначалникот потврдува дека прием на ученици со физичко присуство во таа гимназија нема да се случи, туку дека ќе се почитува одлуката на Владата“, рече Царовска.
Министерство за здравство-можно влошување на состојбата, учениците да ги почитуваат мерките
Министерството за здравство, пак, утрово апелираше дека најавите за бојкот на онлајн наставата и непочитување на протоколите е недозволиво и го отежнуваат целокупниот процес на справување со корона кризата. Инаку, учебната година почна на први октомври.
Учениците од прво до трето одделение можат да ја следат наставата онлајн или со физичко присуство, додека сите други само онлајн. Владата по препораката на комисијата даде согласност во околу 600 училишта во кои имаат помал број ученици и дозволува епидимиолошката состојба наставата да се одвива со физичко присуство. Сите останати наставата треба да ја следат онлајн.