Заев: Неопходни патувања во регионот без ПЦР тест
По препорака од Комисијата за заразни болести, Владата денеска донела одлука за отворање на границите без тест за ПЦР за државјани од Србија, Косово, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, информираше премиерот Зоран Заев на неговата официјална фејсбук страница.
„Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест. Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Одлуката е донесена заради остварувањето на неопходните потреби на граѓаните, при што Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од Ковид-19“, напиша Заев.
Одлуката стапува на сила од понеделник, 12 октомври 2020 година.