МВР: Не организирајте групно следење на мечот Македонија - Косово
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопшти дека се преземени сите потребни мерки за беспрекорна организација и одигрување на фудбалскиот натпревар од полуфиналето од Лигата на Нации помеѓу фудбалските репрезентации на Северна Македонија и Косово на 8-ми октомври на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„Согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Одлуките на Владата, не е дозволено присуство на публика на натпреварот. Апелираме до граѓаните и да не се организира заедничко следење на натпреварот“, соопшти МВР.
Полицијата соопшти и дека имала средби со навивачките групи пред утрешниот натпревар.
„До навивачките групи, со кои поголем дел од Секторите за внатрешни работи, односно Отсекот за превенција, одржаа средби, апелираме да се воздржат од инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир, затоа што тоа најстрого ќе биде санкционирано“, соопшти МВР.