Судот во Стразбур го отфрли барањето на Турција за Нагорно-Карабах
Европскиот суд за човекови права(ЕСЧП) во Стразбур го отфрли барањето на Анкара за поништување на одлуката со која се повикуваат сите држави, директно или индиректно вклучени во конфликтот во Нагорно-Карабах, да се воздржат од дејствија кои би изложиле цивилите на ризик и да ги почитуваат нивните обврски од Европската конвенција за човекови права.
Првичната одлука на судот беше донесена по барање на Ерменија веднаш по стартот на борбите во спорниот регион. Официјален Ереван на 28 септември побара судот да преземе активности, познати како времени мерки, против Азербејџан за да спречи можно страдање на цивилното население долж линијата на контакт меѓу двете страни. Судот на 29 септември донесе времени мерки зашто „сегашната ситуација создава ризик од сериозни прекршувања на Конвенцијата“ и ги повика Ерменија и Азербејџан „да се воздржат од преземање какви било мерки, особено воени активности, што може да доведат до кршење на правата на цивилното население согласно Конвенцијата“.
На 6 октомври судот ги повтори времените мерки зашто, како што соопшти, има докази дека одредени држави потписнички на Конвенцијата се „директно или индиректно вмешани во конфликтот“.
Пет клучни работи што треба да се знаат за Нагорно Карабах
Иако Турција не беше директно спомената, Анкара на 7 октомври побара од судот да ја преразгледа одлуката, сметајќи дека е насочена против Турција. Анкара е на страната на Азербејџан во конфликтот во сепаратистичкиот регион населен со етнички Ерменци, кои имаат поддршка од Ереван. Турција смета дека медијацијата предводена од Франција, САД и Русија одолговлекува и оти Нагорно-Карабах мора да му биде вратен на Азербејџан.
Двете страни соопштија дека многу цивили и стотици војници загинаа од почетокот на насилствата кон крајот на септември. Ерменија и Азербејџан водеа војна за спорниот регион на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, за време на распадот на СССР. Нагорно-Карабах е дел од претежно муслиманскиот Азербејџан, но е под контрола на претежно христијанските ерменски сепаратисти.