Предлози за нови мерки: Работно време до 23, забрана за настани...
Работно време на економските оператори во 23 часот, редуцирање на јавен превоз до 50 отсто и целосна забрана на секакви настани, се дел од мерките на Комисијата за заразни болести кои ќе ги предложи до Владата во понеделник.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција кажа дека новите мерки се општи и ќе опфатат повеќе сегменти за спречување на пренесување на вирусот, бидејќи, како што рече, се зголемува бројот на заразени и има пациенти кои не знаат каде се заразени.
Причини за високата смртност од Ковид-19 во С. Македонија
Овие мерки се дополнување на оние кои веќе чекаат законски измени, задолжително носење маски на отворено, забрането групирање по 22 часот и ограничување на домашните посети. Некои од мерките ќе важат за целата држава, а дел само во некои општини, најави министерот Филипче.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко караџовски, на заедничката прес-конференција со Филипче, рече дека најбројни заразени во есенскиот бран се младите кои, како што нагласи, сакале да бидат видени на забави.
„Журките, евентите, свеченостите, сè она што го гледавме, со сето тоа непочитување на мерките, неносење маски и недржење на растојание, немиење раце, е причина на зголемување на бројот на новозаразени во есенскиот бран на коронавирусот кои ние претходно го најавивме“, рече д-р Караџовски.
Вчера беа регистирани рекордни 535 новозаразени со коронавирусот и шестмина починати пациенти како резултат на компликации со Ковид-19.