Следната недела измени на законот за заштита од заразни болести
Законот за заштита од заразни болести е во собраниска процедура и веќе следната недела ќе може по скратена постапка да се интервенира со амандмани, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Измените на законот се предложени за да се донесат нови мерки кои ги предлага Комисијата за заразни болести со цел спречување на ширењето на коронавирусот меѓу населението.
Комисијата за заразни болести пред околу две недели предложи нови мерки, како задолжително носење маски или заштитна опрема преку устата и носот секаде при престој на отоврено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт, со одредени исклучоци.
Исклучок за носење маска е во случаи на спортување на отворен простор и на затворено со почитување на протоколите за заштита, при транспорт со приватно моторно возило ако сите лица во возилото се од едно семејство или живеат во заедничко домаќинство, во угостителските објекти со почитување на протоколите за дистанца и дезинфекција, при престој во службена просторија – канцеларија ако лицето е само во просторијата, како и за децата до 6 години, односно за деца од претшколска возраст.
Исто така Комисијата предложи и забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе. Предложено е и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.
По предложените мерки од Комисијата, Владата соопшти дека за нивно усвојување се неопходни измени на Законот за заштита на населението од заразни болести.