Чешкиот министер за здравство ги крши мерките против коронавирус, премиерот бара оставка
Чешкиот премиер Андреј Бабиш му даде ултиматум на министерот за здравство Роман Примула – или да поднесе оставка или ќе биде разрешен, откако беше фатен во ресторан, и покрај владините мерки со кои беа затворени угостителските објекти поради остриот пораст на бројот на заболени од коронавирус во земјата.
„Кога нашите здравствени работници се борат на првата линија на фронтот да ги спасат животите на нашите сограѓани, такво нешто е апсолутно без оправдување“, рече денеска Бабиш, еден ден откако Примула беше фотографиран во ресторан каде што одржувал средба.
Скандалот изби кога таблоидот Блеск го фотографирал Примула на средба со висок претставник на владејачката партија НАТО на Бабиш.
Средбата се одржала само неколку часа откако Примула најави нови рестриктивни мерки, вклучително ограничување на движењето и затворање на речиси сите продавници. Угостителските објекти беа затворени со претходните мерки.
Коронавирусот засилено се шири во Чешка во изминатите денови. На 22 октомври беа регистрирани 14151 нови случаи, а ден претходно имаше рекордни скоро 15 илјади случаи. Во земјата досега има над 223 илјади регистрирани случаи на коронавирус, од кои една третина се во последната недела. Од коронавирус досега починаа 1845 луѓе во земјата.