Силен земјотрес го погоди Измир, урнати најмалку пет згради
Земјотрес со јачина од 6,6 степени денеска го погоди турскиот град Измир, при што беа урнати најмалку пет згради, но нема потврда за евентуални жртви. Според бирото за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), земјотресот се случил во 15 часот на длабочина од 16,5 километри во областа Сеферихисар.
„Пет згради се урнаа во областите Бајракли и Борнова“, рече во телевизиска изјава министерот за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, додавајќи дека штетата сè уште се проценува.
Земјотресот се почувствува во околните градови, како и во најголемиот турски град Истанбул, околу 540 километри на север, објави државниот радиодифузер ТРТ. Телевизијата прикажа снимки од урната зграда во областа Борнова во Измир, неколку автомобили закопани под урнатините и луѓе кои во паника бегаат од нивните домови.
„Екипите за спасување започнаа со работа во областа“, напиша турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер.
МИА од Атина јавува дека земјотрес со јачина од 6,7 степени имало и на грчкиот остров Самос, при што имало најмалку четворица повредени, материјална штета на објекти и излевање на морето.
Управителот на болницата на Самос, за грчката државна телевизија „ЕРТ“ рече дека четири лица се полесно повредени, пренесе МИА.