Расправата за вториот ребаланс на буџетот продолжува утре
Пратениците и во попладневниот дел од денешната собраниска седница расправаа за вториот ребаланс на Буџетот во кој се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19. Седницата, како што информира претседателот на Собранието Талат Џафери, продолжува утре во 12 часот.
Власта и опозицијата и на четвртиот ден од расправата продолжија со меѓусебните обвинувања за неопходноста на ребалансот и дали четвртиот пакет мерки ќе ги даде очекуваните резултати. Опозицијата смета дека власта не ја менаџира добро здравствената криза и оти пакетот мерки нема да ги даде очекуваните резултати, а за пратениците од мнозинството донесувањето на ребалансот е неопходно за да може што поскоро да им се помогне на граѓаните и на стопанството.
Власта го претстави 4 пакет мерки - опозицијата критикува за институционален поткуп
Пред да биде ставен на дневен ред на пленарна седница, ребалансот ја помина расправата на матичната Комисија за финансирање и буџет. Расправата во Собранието по ребалансот, според собранискиот Деловник трае пет дена.
Со ребалансот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет мерки со кои се очекува да се спасат 83.000 работни места преку поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, предвидено е околу 283.000 граѓани да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка, а за компаниите погодени од кризата наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.