Над 20 мртви по 6-часовната престрелка во Универзитетот Кабул
Бројот на загинати во 6-часовната престрелка меѓу тројца вооружени напаѓачи и авганистанските елитни сили во универзитетот Кабул во Авганистан е најмалку 20, а 22 се ранети, соопшти Министерството за внатрешни работи. Авганистански медиуми јавуваат дека најмалку 10 од убиените се студенти, пренесе германската новинска агенција ДПА.
„Стотици студенти, професори и административен персонал на универзитетот бегаа преку sидовите на комплексот, додека стотици други беа спасени од безбедносните сили“, велат официјалните лица и очевидците.
Талибанските лидери негираа дека нивни борци стојат зад нападот.
Сведоци велат дека напаѓачите пукале кон студентите кои бегале кон просториите во кампусот.
„Пукаа во сите студенти кои ќе ги видеа“, изјави очевидецот Фатула Моради, кој со група пријатели успеал да побегне преку еден од излезите на кампусот.
Ова е втор напад врз образовна институција во Кабул во десет дена, а минатиот месец, 24 лица, претежно студенти, беа убиени во напад на образовен центар во Кабул.