ЕУ ја осуди одлуката на Турција да продолжи со истражувањата во Медитеранот
Европската унија денеска оцени дека е „за жалење“ одлуката на Турција да продолжи со мисијата на бродот за истражување на гас во спорната област во источниот Медитеран.
„За жалење се најновите најави на системот за поморско алармирање Натвекс во врска со продолжувањето... на активностите на Турција во грчките и кипарски поморски области, особено со оглед на сегашните обиди на сите нивоа да се создаде простор за дијалог“, изјави портпаролот на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Тој оцени дека со тоа се создава понатамошна „напнатост и недоверба во регионот, наместо да се придонесе до трајни решенија“.
„Дијалогот и воздржувањето од еднострани активности се клучни елементи за постигнување стабилно и сигурно опкружување во источниот Медитеран, и за развој на односите на соработка и обострани интереси на ЕУ и на Турција“, рече портпаролот на Борел.
Распоредувањето на турскиот брод доведе до ескалација на тензиите со Атина во изминатите месеци. Лидерите на ЕУ на почетокот на декември ќе одлучат за евентуално воведување санкции против Турција. Пакетот економски санкции кои ги подготви Европската комисија е спремен и би можел да ѝ нанесе сериозна штета на Турција, особено во секторите транспорт и туризам, изјавиле неименувани европски дипломати за новинската агенција Франс прес.