Австрија призна дека не успеала да го следи предупредувањето од Словачка
Австриската влада призна дека не успеала да го следи предупредувањето што го доби од Словачка минатото лето за лицето кое го изврши терористичкиот напад во Виена оваа недела. Словачката полиција на 4 ноември соопшти дека ги известиле своите австриски колеги оти „осомничени лица од Австрија“ се обиделе да купат муниција во соседна Словачка, но „не успеале во тоа“.
Еден од осомничените бил и Кујтим Фејзулаи, кој е именуван како човекот кој смртно застрела четири лица, а рани повеќе од 20 други, во центарот на главниот град на Австрија на 2 ноември. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека информациите кои биле пренесени од Словачка биле испитани од домашната разузнавачка агенција БВТ, но дека не биле преземени понатамошни активности. „Нешто очигледно тргна наопаку во комуникацијата“, рече Нехамер, додавајќи дека сака независна истрага за ова прашање.
Предизвиците по враќањето на терористички борци од странските боишта
Полицијата го застрела 20-годишниот државјанин и на Австрија и на Северна Македонија, кој беше вооружен со автоматско оружје, пиштол и мачета, како и лажен појас со експлозив.Првично беше нејасно дали имало повеќе од еден вооружен напаѓач, но Нехамер потврди дека Фејзулаи дејствувал сам. Фејзулаи, кој претходно имал убедувања за тероризам, е роден во Австрија со корени од Северна Македонија. Тој беше осуден на 22 месеци затвор во април минатата година, бидејќи се обиде да отпатува во Сирија за да и се приклучи на екстремистичката група Исламска држава. Тој доби предвремено ослободување во декември.
Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во Виена
Австрија приведе 14 лица кои биле поврзани со вооружениот напаѓач, а министерот за внатрешни работи изјави дека се на возраст од 16 до 28 години и со мигрантско потекло. Уште две лица се приведени во Швајцарија. Екстремистичката група Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за нападот преку својата новинска агенција Амак, без да обезбеди докази.