ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на изборите во Штип и Пласница
ВМРО-ДПМНЕ бара предвремените локални избори во Штип и Пласница да бидат одложени поради тоа што, како што велат од партијата, нема нормални услови за нивно одржување имајќи ги предвид големиот број новозаразени од ковид-19. Партијата бара во наредните три дена власта да ги одложи изборите, но без да прецизира дали доколку тоа не биде направено ВМРО-ДПМНЕ би имала свој кандидати за градоначалници.
Градоначалници на Штип и Пласница ќе се бираат на 13 декември
„Изразуваме длабока загриженост за развојот на здравствената и економската врзана со ковид заразата. Евидентно е дека Владата, Зоран Заев и министерот Филипче немаат контрола над работите и исклучително лошо менаџираат со целокупната состојба. Воедно за ова говори и фактот што за два дена имаме над 40 починати и речиси двеипол илјади новозаразени. Сето ова укажува на тоа дека нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и дека истите треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања, што беше и едногласен став на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Дафина Стојановска вечерва по завршување на седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.