Штип ќе добие вода до вечерва
Поголемиот дел од Штип од високите делови на градот, индустриските зони и дел од централното градско подрачје втор ден немаат вода за пиење. Директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев на прес-конференцијата рече дека во моментов завршува поставувањето на големата цевка во близина на филтер станицата, по што ќе може да се пушти вода за домаќинствата.
„Дефектот на цевководот, кој ги снабдува високите зони на градот е голем, со негово санирање е почнато уште од вчера, но синоќа по поставувањето на новата цевка една спојница попушти. Екипите мораа повторно да почнат со поставување на нова цевка и спојница. Завршува поставувањето и се очекува во попладневните часови да почне дистрибуцијата на водата за пиење“, вели Тасев.
Тој забележа дека дефектот настанал од создавање на воздушни перничиња, кои избиле, а во околината на цевката која пукнала се создаде и мало езеро. Тој смета дека проблемот со ваквите големи дефекти може да се надмине само со изградба на нови резервоари.
Граѓаните на Штип се револтирани што немаат вода за пиење веќе втор ден, а ЈП „Исар“ од попладнево обезбеди цистерни со вода за пиење од соседните општини, кои во одреден термин кружат низ населбите без вода за пиење.