Британија протера двајца белоруски дипломати
Велика Британија соопшти дека протерала двајца белоруски дипломати, по „неоправдано протерување“ на двајца нејзини дипломати од страна на Минск, во услови на бран протести низ Белорусија на кои се повикува на оставка на Александар Лукашенко по претседателските избори во август, кои Западот одби да ги прифати.
„Велика Британија нема да биде заплашена од обидите на режимот на Лукашенко да не спречи да зборуваме за наместените избори и гнасното насилство врз белорускиот народ“, напиша на Твитер британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб.
Објавата на Раб дојде кратко откако портпаролот на премиерот Борис Џонсон изјави дека Канцеларијата за надворешни работи го повикала белорускиот амбасадор во Лондон.
Претходниот ден, белорускиот портпарол на Министерството за надворешни работи Анатол Хлаз соопшти дека двајца британски дипломати се прогласени за „персона нон грата“ откако се занимавале со „деструктивни“ активнисти.
Ваквите потези значат натамошно влошување меѓу европските метрополи и Минск во врска со насилното сузбивање на протестите од страна на Лукашенко.
Лукашенко, кој владее во Белорусија 26 години, речиси секојдневно се соочува со протести од претседателските избори на 9 август, кои според опозицијата биле намесетени.
Илјадници луѓе се уапсени откако властите го прогласија Лукашенко за победник на гласањето. Повеќето лидери на опозицијата во земјата се уапсени или се принудени да ја напуштат земјата.
Лукашено демонстрантите и членовите на опозицијата ги нарекува „западни марионети.“
Велика Британија и ЕУ воведоа санкции против високи белоруски функционери, вклучително и кон Лукашенко како одговор на репресијата и „фалсификувањето“ на претседателското гласање.