Народна банка: Забавен падот во 3. квартал, тековите стабилни
![Народна банка: Забавен падот во 3. квартал, тековите стабилни](https://gdb.rferl.org/24FCDBD3-A4DD-49EF-BB0B-513736174808_w800_h450.jpg)
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка заклучил дека според последно расположливите показатели за економската активност за третиот квартал посочуваат на забавување на падот, во услови на намалување на рестриктивните мерки и приспособување на однесувањето на субјектите на новонастанатите околности, соопшти денеска Народната банка(НБ).
Според НБ, видливо забавување се забележува кај годишните стапки на пад на индустријата, што е во согласност и со закрепнувањето на извoзната активност.
„Нешто подобри се и остварувањата кај градежништвото, прометот во угостителството и кај трговијата. Показателите за личната потрошувачка и
инвестициите, исто така упатуваат на одредено закрепнување во овој период. Во однос на проекциите на Народната банка, послабите остварувања во првото тримесечје, како и оцените за продолжен ефект од здравствената криза упатуваат на надолни ризици за економските изгледи“, соопштија од Народната банка.
По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на седницата е одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5 проценти. На седницата на Комитетот е заклучено дека засега тековите се стабилни, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена.