Репортери без граници бараат транспарентна истрага за убиството на новинар на РСЕ во Авганистан
Репортери без граници повика на транспарентна истрага за убиството на новинарот на Радио Слободна Европа Иљаз Даје во јужната авганистанска провинција Хелманд.
Авганистанската влада, ОН и други организации го осудија нападот врз слободата на печатот.
Даје, кој имаше 33 години, беше убиен на 12 ноември во експлозија на бомба прикачена на неговото возило со магнет. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
Портпаролот на талибанците Забиулах Муџахид ниту ја негира ниту ја потврди нивната вмешаност во инцидентот, одговарајќи дека ќе провери.
Даје неодамна пријавил во Хјуман рајтс воч дека добил бројни закани по живот со предупредување на престане да известува за воените операции на талибанците.
Новинар на Радио Слободна Европа убиен во Авганистан со подметната бомба
Во сличен напад во Кабул на 7 ноември беше убиен поранешен популарен телевизиски водител на вести и двајца други луѓе. Во експлозија на бомба во мај беа убиени новинар и техничар во Кабул.
Насилствата во Авганистан во изминатите месеци се засилија, дури и во период кога владините претставници и талибанците преговараат во Катар за окончување на крвавата војна во Авганистан. Од почетокот на преговорите во септември нема напредок.