Пендаровски: Договорот со Бугарија не вели да се преговара за идентитет
![Пендаровски: Договорот со Бугарија не вели да се преговара за идентитет](https://gdb.rferl.org/0CB50D68-480F-422B-AE3E-2146FE683CC9_w800_h450.jpg)
Бугарските барања се спротивни на европските вредности и воопшто не се содржани во Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски по завчерашното вето од Бугарија за преговарачката рамка на Европската унија за Северна Македонија.
Како што јави МИА, Пендаровски, во интервју за австриската ORF TV, посочува дека истата политичка структура во Софија која го потпишала Договорот за добрососедство и која тогаш велела дека тоа е добар договор, сега со последните барања излегува од параметрите на тој Договор.
Што по ветото од Бугарија, лидерска или парламентарна дебата?
„Никаде во Договорот од 2017 година нема ниту една единствена буква, а не член, не пасус, не преамбула, каков било дел, кој зборува дека ние треба да дебатираме во рамки на билатералните разговори за етничкото потекло на нас, Македонците. Нема ниту една единствена буква, дел, член, што било кој вели дека ние мораме да преговараме со бугарската страна за тоа дали јазикот на кој сега зборувам е македонски или не“, вели Пендаровски, пренесе МИА.