Франција побара од ЕУ санкции за Турција
Франција предлага по предупредувањето од октомври, Европската Унија следниот месец да воведе санкции против Турција. Париз наведува дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, не ги послушал предупредувањата на лидерите на ЕУ на 1 октомври, да се повлече од спорот за истражување гас во Медитеранот или да се соочи со последиците.
Франција не предложи детален план за санкции, но според дипломатите мерките ќе влијаат на турската економија, веројатно на бродската, банкарската и во енергетската сфера, пренесува „Ројтерс“.
Европскиот парламент се очекува денеска да побара санкции осудувајќи ја посетата на Ердоган на отцепените кипарски Турци на северот на Кипар на почетокот на овој месец.
Tурција продолжува со потрага по гас во спорниот дел на Средоземното Море
Франција е во конфликт со Турција и во врска со конфликтот во Нагорно-Карабах. Париз ја обвини Анкара за поттикнување на кризата на Кавказот. Турското Министерство за надворешни работи пак ја критикува ЕУ за дебатата за санкции велејќи дека таквата дискусија не е корисна.