Турција седум дена по ред бележи црни рекорди со коронавирусот
Седми ден по ред во Турија има зголемување на бројот на жртви од коронавирусот и секојдневно се редат само црни рекорди, и покрај напорите на турските власти за запирање на вториот бран од ковид-19, јавуваат британските медиуми.
Турција очекува неделава да дојде до закрепнување на економијата по големиот пад од почетокот на годината, но тоа закрепнување може да биде загрозено од ширењето на коронавирусот.
Турција потпиша договор за 50 милиони дози вакцина за ковид-19
Турците ги заострија мерките, па дури и воведоа полициски час за време на викендите, но досега тие не дадоа значајни резултати во запирање на ширењето на болеста.
Само вчера во земјата од ковид-19 умреа 185 лица, 45 проценти повеќе отколку во пикот на првиот бран во април, а црните рекорди почнаа да растат од 23 ноември, кога починаа 153 лица, и оттогаш бројот на смртни случаи се зголемува секој ден.
Во последните 24 часа во земјата се пријавени повеќе од 29 илјади нови случаи, а во саботата беше урнат рекордот од 30.103 случаи. Но, тука мора да се каже дека властите ги бројат само пациентите со симптоми, додека во овој број не се вклучени асимптоматски случаи.
Лекарите и опозициските политичари предложија уште посилни ограничувачки мерки, но владата сака да избегне ескалација, бидејќи кафулињата, рестораните и хотелите веќе беа сериозно погодени од мерките.