Македонија ремизираше со Словенија на претпоследниот тест пред ЕП
![Македонија ремизираше со Словенија на претпоследниот тест пред ЕП](https://gdb.rferl.org/77cb40c4-2bf4-416c-8e9d-0eec8e100cf4_w800_h450.jpg)
Македонската фудбалска репрезентација вечерва ремизираше против Словенија со 1:1 (полувреме 0:0) во претпоследниот настап пред дебитантското учество на Европското првенство (ЕП) во фудбал.
Водечкиот гол за „црвено-жолтите“ на арената „Тоше Проески“ во Скопје го постигна Елиф Елмас во 55 минута, по асистенција на Езџан Алиоски. Словенците успеаја да се спасат од пораз и да освојат реми во седмата минута од судиското надополнување преку Чрнигој.
Денешниот натпревар се играше пред 10.000 публика во Скопје. Следниот контролен натпревар пред ЕП за Македонија е в петок, против репрезентацијата на Казахстан во Скопје.
Македонија на Европското првенство ќе игра во групата Ц против репрезентациите на Австрија (13 јуни во Букурешт, 18 часот), на Украина (17 јуни во Букурешт, 15 часот) и на Холандија (21 јуни во Амстердам, 18 часот).