Филипче – Следните денови се очекуваат вакцините од Синовак, руските ќе доцнат
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека ако остане иста состојбата со ковид-19 после 15 јуни може да се очекуваат дополнителни олеснувања на рестриктивните мерки. Тој вели дека во соработка со организаторите на разни настани и концерти, се прават протоколи за како да се одвиваат тие во текот на летото.
Министерот најави дека во следните седум дена може да се очекува да пристигне пратката со 500 илјади вакцини од „Синовак“. Тој рече дека ги уфрлиле во системот 10-те илјади вакцини на „Фајзер“ кои стигнаа во понеделникот, меѓутоа очекуваат значајно забрзување на процесот на вакцинација кога ќе стигнат и вакцините од „Синовак“.
Во врска со вакцините „Спутник В“, Филипче посочи дека според кажувањата на амбасадорот на Русија, може да се очекува нивно доцнење.
Филипче денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека ниту еден пациент не е пратен во приватните болници, а притоа да не е обезбедено место во јавното здравство. Посочи дека точно е дека во еден период се чекало за прием неколку часа, се препраќале пациенти од еден во друг оддел, меѓутоа, како што појасни, ниту еден пациент не бил оставен без соодветна здравствена заштита.